Музејот на восочни фигури во Париз ја отстрани фигурата на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи посетителите ја оштетиле, во знак на протест поради руската инвазија на Украина.
„Денес веќе не е можно да се претстави лик како него (Путин). Првпат во историјата на музејот повлекуваме статуа поради историските настани кои моментално се одвиваат“, изјави директорот на музејот Ив Деломо.
Тој додаде дека восочната фигура изгледа неуредно откако била вандализирана во текот на викендот.
„ Со оглед на тоа што се случи, ние и нашиот персонал не сакаме да му ја поправаме косата и изгледот секој ден“, рече тој.
Деломо вели дека фигурата на Путин направена во 2000-та, која стои меѓу статуите на американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џинпинг, би можела да биде заменета со моделот на украинскиот претседател Зеленски.
„ Можеби претседателот Зеленски ќе го заземе неговото место. Тој стана херој затоа што се спротивстави и што не избега од својата земја. Совршено може да го заземе своето место меѓу големите луѓе на историјата и денес“, рече тој.
Во 2014 година, по руската анексија на Крим од Украина, демонстрантка со „Убиј го Путин“ насликана низ нејзините голи гради, ја прободе восочната фигура на Путин и ѝ ја скрши главата.