Најкраткиот авионски лет на светот поврзува два шкотски острова и трае помалку од една минута

Најкратката редовна авионска линија на светот ги поврзува шкотските острови Вестреј и Папа Вестреј, а летот некогаш трае и помалку од една минута. Островите се оддалечени 2,7 километра воздушна линија, па според Гинисовата книга на рекордите, патувањето во деновите кога времето е поволно и во авионот нема многу багаж трае само 53 секунди. Овој лет чини 15 фунти.

Вакви летови има два или трипати на ден. Во текот на годината овие летови ги користат осумдесетина луѓе што живеат на овие два острова, а во летните месеци доаѓаат и туристи, најчесто на еден ден.

Вестреј е мал остров на работ на северниот шкотски архипелаг Оркни, а Папа Вестреј е уште помал и позафрлен од Вестреј. На Папа Вестреј се наоѓаат некои од најстарите градби во Европа, стари над 5.000 години.

Патувањето за посетителите почнува на аеродромот во Кирквол, кој е главен град на Оркни, од каде што се лета со минијатурниот авион „бритен норман БН-2 ајлендер“ на компанијата „Логанер“. Од таму има 15 минути лет до Вестреј по што патниците продолжуваат на патувањето од една минута.

Оние што ќе седнат во некој од првите четири реда имаат поглед на пилотот, а местото каде што се патува се гледа од прозорецот уште пред полетувањето. Повратниот лет е седум часа подоцна.

 

Scroll to Top