Остатоци од бродот на капетанот Кук пронајдени во САД

Во пристаништето „Њупорт“ во САД истражувачи идентификувале остатоците од бродот „Ендевор“, со кој капетанот Џејмс Кук (1728 – 1779) го обиколувал Тихиот Океан. Веста за ова откритие ја објави Кевин Самптон, директор на Австралискиот национален поморски музеј. Тој кажа дека местото на потонатиот брод е идентификувано по 22 години потрага и дека станува збор за едно од најголемите откритија во поморската историја на Австралија.

Истражувањата на дното на пристаништето „Њупорт“ во Род Ајленд откри потенцијално место за подводни ископувања во мај 2018 година, а три месеци подоцна археолозите кажаа дека најверојатно станува збор за бродот на капетан Кук. Сега, лабораториските тестови, историските податоци и сознанијата на нуркачите докажаа дека навистина се работи за „Ендевор“.

„Ова е последната станица на еден од најважните бродови во австралиската историја и сега се откриени последните детали за оваа историска мистерија. Врз основа на архивските податоци и археолошките наоди, убеден сум дека токму ова е откритието што го баравме. Овој брод одигра важна улога не само во историјата на Австралија, туку и на Нов Зеланд, Велика Британија и САД“, изјави Самптон.

Џејмс Кук направил три патувања во Тихиот Океан. Тој ги откри Хаваи и други острови, и бил и првиот што пловел околу Австралија. Со „Ендевор“ тој открил и дека Нов Зеланд е составен од два посебни поголеми острова, разделени со теснец. Теснецот подоцна бил именуван по името на Кук.

Scroll to Top