По сладоледите „Милка“ и „Кит Кат“, Агенцијата за храна и ветерина во Македонија повлече и кремови за готвење. Тие биле известени дека во земјава се увезени небезбедни производи, по што веднаш направиле инспекција кај два увозника на кремови за готвење и бази за сладоледи од Струга и Струмица.
Тие утврдиле дека увезениот производ од Италија, кремот за готвење „Bravo cream cusima“, не е безбеден за консумација поради присуство на етилен оксид.
Во магицинот на увозникот „Гајрет“ ДООЕЛ од с. Лубаништа најдени се 1.440 парчиња од овој производ со рок на употреба до 13 јуни 2022 и наложено му е да се повлечат од пазарот.
Кај операторот со храна ДПТУ „Агрома“ од Струмица утврдиле присуство на етилен оксид во неколку различни производи увезени од Италија.
И тоа базите за сладолед „AI7YOS gold 50“ и „AI70XE aimara tuto kako“, растителниот крем за готвење „AV23AA master gourmet gold“ и преливот „AV20IQ master gourmet chef“.
АХМ испрати апел до потрошувачите да не ги консумираат овие производи и да ги вратат онаму од каде што ги купиле, или пак нештетно да ги отстранат, доколку веќе ги набавиле.
Вчера АХМ ги повлече од продажба сладоледите „Кит Кат“ и „Милка“ поради тоа што содржат етилен оксид, кој е штетен по здравјето на граѓаните, откако извршиле контрола во магацините на увозникот „АЛМА М“.