На 79-годишна возраст почина Шаин Мемети, газда на култната ќебапчилница во Сараево „Жељо“, кој ја држеше заедно со неговиот брат Хасан.
Локалот беше именуван по нивниот омилен фудбалски клуб од Грбавица, „Железничар“. Она што е интересно е тоа што браќата Шаин и Хасан Мемети се родени во Гостивар, но како млади момчиња се преселиле во Сараево. Во 1968 година тие го отворија „Жељо“ на Башчаршија, а по некое време, „Жељо 2“ се појави во Кундурџилук.
Велат, ако не сте на sидовите на Жељо, како да не сте ни играле во „Желeзничар“. Меѓу тие фотографии има и такви со познати луѓе кои немаат никаква врска со клубот, како што се Роберт Просинечки, Славен Билиќ, Северина, Стјепан Месиќ, Колинда Грабар-Китаровиќ, браќата Мамиќ.
Приказната за газдата на „Жељо“ и така е интересна, но не би била толку легендарна приказна, ако неговиот најголем ривал не беше поранешниот фудбалер на ФК „Сараево“, Нијаз Ферхатовиќ, кој ја држи „Петката“ во соседството – уште една култна ќебапчилница.
-Бевме заедно и во добро и во зло. Доаѓаат и навивачи на Сараево, се шегуваме заедно. Кога губиме, ја наведнуваме главата, и така е и со нив. Навивачите на Сараево се жестоки непријатели за време на дербито, но по судискиот свиреж сите заедно се дружиме.
Кога Сараево игра со кој било друг клуб, јас навивам за него – ја опишаа вработените во локалот атмосферата кога пред неколку години ги посетија новинарите на турската агенција Анадолија и вечното дерби.
Браќата Мемети не сакаа да се експонираат во јавноста. Во архивите денес, и покрај деталното пребарување, тешко дека ќе најдете некое нивно интервју, изјава и слично на која било тема.
Локалното население отсекогаш барале одговор каде ќебапите се подобри, сè додека не се заклучи дека најмногу се разликуваат по боја: во „Петица“ тие се некако повеќе црвени, во „Жељо“ се сини. Секако, според боите на двата клуба.
Но, како што велат упатените, тоа ривалство отсекогаш било во границите на пристојност. И, тоа ривалство им ја дава на ќебапите на „Жељо“ таа посебност, секој дел од приказната е важен за целосно искуство.
Но, тајната на нивните ќебапи ја знаат само нивните наследници, кои, според семејната традиција, морале да се посветат на чувањето додека не дојде време некој да ги замени.