Портретот на Мерилин Монро што го наслика Енди Ворхол ќе стане најскапата слика од 20 век

Портретот Shot Sage Blue Marilyn на Мерилин Монро, што го наслика Енди Ворхол, ќе се продава на аукција во мај. Се проценува дека вредноста на оваа слика е 200 милиони долари. Ова е една од петте слики на Монро што ги направил Ворхол. На сликата легендарната актерка е со жолта коса, розово лице и со светлосина сенка за очи.

„Портретот од 1964 година би можел да стане најскапата уметничка слика од 20 век што се продала на аукција“, изјави Алекс Ротер, претседателот на одделот на „Кристи“ за уметност од 20 и 21 век.

Shot Sage Blue Marilyn во моментот е во сопственост на Фондацијата „Томас и Дорис Аман“ од Цирих, а парите од продажбата ќе одат за здравствени и образовни проекти за децата во светот.

Најскапата слика од минатиот век сега е „Жените од Алжир“ на Пабло Пикасо, која се продаде за 179 милиони долари во 2015 година.

Scroll to Top