Италијанската модна куќа „Прада“ набргу ќе се најде на суд поради проблеми при набавката на крокодилска кожа од 700 млади и 26 возрасни крокодили. Тужбата против модниот гигант е тешка речиси два милиона долари.
„Прада“ се најде во правни проблеми кога компанијата „Капо“ од САД откри дека склучиле договор за набавка на кожа од 700 младенчиња американски крокодили, со цел „Прада“ да ја користи за производство на егзотични модни додатоци.
Додека другите модни компании се борат да го обезбедат производството преку доставувачи на скапи материјали, „Прада“ со помош на „Капо“ стапила во директен контакт со одгледувачи на крокодили и со тоа обезбедила полесен начин на директна испорака кон својата фабрика „ГНП Пели“ во Италија.
Компанијата „Капо“ била платена за секој обезбеден крокодил, а дополнително заработувала и од продажбата на кожа. Оваа фирма тврди дека нејзините вработени самостојно пренеле 726 крокодили во фарма што „Прада“ специјално ја подготвила во Луизијана, каде што крокодилите се одгледувале поради нивната кожа.
Меѓутоа, од „ГНП Пели“ наводно не ја платиле провизијата за „Капо“ од САД, со што била предизвикана штета од два милиона долари, кои оваа американска компанија си ги бара преку тужба.