Скот Харингтон, фан на британската комедија „Сплетки“, ја купил црвената врата од гаражата број 22 во Бедминстер во Бристол што се појавува во серијата. Градскиот совет му ја дал вратата од гаражата на студиото „Ботл јард“, а оттаму му ја понудиле на колекционерот Скот Харингтон. Парите што ги добиле од продажбата се наменети за хуманитарни цели.
Харингтон и неговата сопруга се надеваат дека вратата ќе биде изложена во Британскиот музеј на мотори во Ворикшаер, покрај легендарниот жолт автомобил со три тркала од ТВ-серијата, пренесе „Би-би-си“. Тој се надева и дека ќе отвори музеј каде што луѓето би можеле да патуваат низ спомените на серијата.
„Наша долгорочна цел е да создадеме сопствен семеен музеј во кој луѓето заедно со нас ќе се потсетат на клучните мигови од нашата историја“, вели Харингтон.
Гаражите, кои се во сопственост на државниот совет на Бристол, се изградени во 1962 година, истовремено кога се граделе и трите станбени блокови во близината: Саутбој хаус, Бинтерстроук хаус и Вајтмејд хаус. „Сплетки“ се снимале во околината на Вајтмејд хаус и ја прикажувале надворешноста на измислената куќа на Дел Бој.
Серијата „Сплетки“ почна да се снима во1981 година и многу брзо ја освои публиката во Велика Британија. До 1991 година се снимени 64 епизоди во седум сезони. Оригиналниот наслов „Само будали и коњи“ е заснован на стара англиска поговорка, која во превод значи дека само будалите и коњите работат. Со ова се алудира дека главните ликови Дел Бој и неговиот помлад брат Родни избегнуваат работа, но и плаќање данок и други давачки.
Во анкетата на „Би-би-си“ од 2004 година, „Сплетки“ е прогласена за најдобра ТВ-серија на сите времиња.