Островите Малиот Сент Џејмс и Големиот Сент Џејмс, кои му припаѓале на починатиот милијардер Џефри Епштајн, се продаваат за 125 милиони долари, пишува „Волстрит џурнал“. Приходите од продажбата ќе се користат за решавање на тужбите и трошоците за недвижен имот на починатиот осуден сексуален престапник и педофил, изјави адвокатот Даниел Вајнер.
Островите, каде што наводно Епштај им бил домаќин на принцот Ендру, Бил Клинтон и Доналд Трамп, добиле разни имиња од локалното население, па ги нарекувале острови на гревот и педофилски острови.
Епштајн го купил Малиот Сент Џејмс во 1998 година. Островот зафаќа повеќе од 70 хектари, има хелиодром, приватно пристаниште, два базена, три приватни плажи и сала за вежбање. Потоа го купил Големиот Сент Џејмс во 2016 година.
Во времето на смртта на Епштајн неговиот имот се проценувал на повеќе од 650 милиони долари, но поради многуте наводи за сексуална злоупотреба и сексуална трговија со луѓе, сега се проценуваат на помалку од 190 милиони долари. Речиси 120 милиони долари веќе им се исплатени од имотот на Епштајн на неговите жртви преку програмата за компензација на жртвите на Епштајн, која е затворена минатата година. До тогаш се исплатени обесштетувања на приближно 135 тужители.
Вирџинија Робертс Џуфре, која зборуваше за годините на сексуалното вознемирување од страна на Епштајн, претходно го спомнала Малиот Сент Џејмс во судските документи.
„Третиот пат кога имав секс со Енди беше оргија на приватниот остров на Епштајн на Американските Девствени Острови. Имав 18-ина години. Епштајн, Енди, осум други млади девојки и јас имавме секс заедно. Другите девојки изгледаа помлади од 18 години и навистина не зборуваа англиски“, рече таа тогаш, пренесува „Тајмс“.
Американскиот државен обвинител, кој се обиде да му ја одземе сопственоста на Епштајн врз Малиот Сент Џејмс, претходно го опиша островот како „совршено скривалиште и рај за трговија со млади жени и малолетни девојчиња за сексуално ропство, злоупотреба на деца и сексуален напад“.