Преку страницата Fuindraiser од вчера се собираат донации за лекување на Ана Бранковиќ-Јовановиќ (31) од Скопје, која вчера со три куршуми беше застрелана на работното место во Чикаго. Ана е единствената преживеана во вооружениот напад и до сега ѝ се направени две операции, но набргу ќе мора да биде оперирана и третпат, а потоа да оди и на рехабилитација.
Семејството на Ана, која пред неколку години се преселила во САД, сега преку социјалните мрежи се обидува да собере 200 илјади долари за нејзиното лекување, а за сега се собрани речиси 98.000 долари.
„Погодена е на три места – во рамото, колкок и во ногата. До сега успешно ѝ се направени две операции и следува подолг период на рехабилитации и оздравување. Ни треба вашата помош за да можеме ги намириме болничките трошоци. Ви благодариме“, стои во повикот за донации.
Според порталот „Српски тајмс“, во пукањето што се случило вчера убиен е Никола Мишовиќ (30) од Крагуевац. Напаѓачот Џереми Спајсер (31) од Арканзас се вработил во компанијата само еден ден пред пукањето и наводно рекол дека мрзи Срби. Тој избегал од местото на убиството, а по полициска потера, се самоубил.
Американските медиуми не објавуваат многу детали за убиството во Чикаго, а полицијата за локалните медиуми вели дека кога ќе добијат изјава од Ана, би можеле да ги разјаснат случувањата.