„Шаоми“ ќе почне со производство на сопствени електрични автомобили во 2024 година, откри претседателот на компанијата Леи Џун. Производството на електрични автомобили ќе оди во полза на постоечкиот екосистем, што вклучува примена и на технологија за управување со паметен дом или канцеларија.
Во септември „Шаоми“ ја заврши регистрацијата на подружницата која ќе се занимава со производство на електромобили. Регистрираниот капитал на новата компанија, „Шаоми квиче“, е околу 1,3 милијарди евра. Вкупната инвестиција во електрични возила се очекува да достигне 10 милијарди евра во следните 10 години.
„Шаоми“ веќе ангажираше 300 стручни лица за новата компанија и продолжува да бара висококвалификувани луѓе. На крајот на јули, тие најавија и создавање структура за развој на сопствена технологија за управување беспилотни возила.
„Шаоми“ е основан во април 2010 година и е еден од најголемите производители на паметни телефони во светот. Во 2018 година, компанијата ја одржа првата јавна понуда на своите акции на берзата во Хонг Конг. На крајот на декември лани, пазарната вредност на фирмата првпат надмина 100 милијарди долари.