Скопје и Охрид еден час во мрак: Македонија дел од акцијата „Часот на планетата Земја“

Дванаесета година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“, акција чија цел е да предупреди дека климатските промени се случуваат и оставаат трајни последици.

Вечерва во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот. Кај нас 60 мунути ќе бидат изгасени светилките на сите големи објекти.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, годинава преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на планетава.

„2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да се опорави од пустошот на пандемијата со коронавирусот и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. „Часот на планетата Земја“ е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година,“ вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“

На двочасовната конференција која ќе се емитува во живо денес во 19:30 на „Фејсбук“ профилот на „Часот на планетата Земја“ премиерно ќе бидат претставени климатските акции на Македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Скопје.

Дополнително, преку три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт, претставници од Собранието, бизнис секторот и невладините организации, ќе бидат дискутирани теми поврзани со забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја.

Освен официјалниот дел, во текот на конференцијата ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата.

Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во градовите Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловите тврдини, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

 

Scroll to Top