СЗО ја заврши истрагата во Вухан: речиси неверојатно е вирусот да потекнува од лабораторија

Тимот експерти на СЗО кои го истражуваа потеклото на Ковид-19 во Кина велат дека е исклучително мала веројатноста дека коронавирусот да потекнува од кинеска лабораторија и изнесоа нови детали за можниот пренос на вирусот преку замрзната храна. Имено, тимот призна дека коронавирусот може да се пренесе на замрзнато месо.

Д-р Питер Бен Ембарек, експерт на Светската здравствена организација за безбедност на храна и болести на животните и претседател на истражниот тим, рече дека е можен пренос преку ладниот синџир, односно преку транспорт на замрзната стока, што е оправдување за понатамошна истрага.

Како што наведе, примероците идентификувани кај лилјаците не биле доволно слични на САРС-КoВ-2 за да сугерираат директна врска.

„Нашите првични откритија сугерираат дека воведувањето преку посреднички вид домаќин е најверојатната патека и за која ќе бидат потребни повеќе студии и поспецифични насочени истражувања“, рече Бен Ембарек на прес-конференцијата во Вухан.

Ембарек посочи дека вирусот е воведен во Вухан од патници или преку замрзнати производи од диви животни од други кинески региони или земји додавајќи дека понатамошните истражувања не треба да се фокусираат само на Кина, туку и на други земји во Азија и пошироко.

Меѓународниот тим, кој работи на разбирање на потеклото на вирусот, неодамна ја заврши својата едномесечна истрага во центарот на Кина, каде што беа откриени првите инфекции во декември 2019 година.

Експертите на СЗО, кои ги поминаа првите 14 дена од патувањето во карантин, посетија голем број места поврзани со потеклото на пандемијата вклучувајќи ги и пазарот каде што најпрвин се разболеле луѓе и пештерата со лилјаците.

Првично се веруваше дека смртоносниот вирус се префрлил од животни на луѓе на пазар за месо во Вухан на кој се продаваа егзотични животни. Но, експертите сега сметаат дека епидемијата можеби е едноставно засилена на пазарот. Се претпоставува дека вирусот првично потекнувал од лилјаци, но средниот домаќин на животни што го пренесувал меѓу лилјаците и луѓето останува непознат.

 

Scroll to Top