Група од 77 авганистански спортисти и членови на нивните семејства, вклучително и членови на авганистанскиот женски фудбалски тим, младинскиот тим и женски фудбалски службеници, го напуштија аеродромот од Кабул и избегаа со авион во Австралија. Сепак, многу авганистански спортисти останаа во земјата, скриени од талибанците.
Приказната, како што јавува британски „Гардијан“, започнала пред 10 дена кога синдикатот на играчи ФИПРО, тим адвокати за човечки права и невладини организации работеле деноноќно со поранешните тренери на женската фудбалска репрезентација на Авганистан, Кели Линдсеј и Халеи Картер, заедно со основачот на тимот и капетен на репрезентацијата, Калид Попал, за да ги најдат сите слободни патишта како би можеле да ги сместат фудбалерките на списокот за евакуација и да им обезбедат визи, како и да ги префрлат на авионот. Оваа екипа ја продолжува активноста да ги префрли на сигурно и останатите спортисти од Авганистан.
Според „Гардијан“, некои играчи морале да поминат низ талибанските контролни пунктови, каде што биле малтретирани или тепани, а многумина морале да избегнат и пукање за да стигнат до аеродромот.
Thanks to the work of many individuals and our friends in Australia, after 72 hours of all-day and all-night ops, over 75 Afghan WNT athletes, officials, and family are finally wheels up. A brief pause to appreciate all of those who made this happen… pic.twitter.com/ybiMVL2c8L
— Haley Carter (She/Her) (@H_C_Carter) August 24, 2021
Најзаслужни за целата операција се поранешниот австралиски фудбалер Крег Фостер и адвокатот за човекови права и поранешна олимписка претставничка, Ники Дриден, кои беа клучни во акцијата за обезбедување визи. Така, Австралија стана најсигурен начин за бегство. Австралиските визи беа обезбедени за сите спортисти и тие беа поканети од австралиската влада да се пријават на аеродромот во Кабул.
„Благодарни сме на австралиската влада што евакуираше голем број жени фудбалери и спортисти од Авганистан“, се вели во соопштението на ФИПРО.
„Овие млади жени, и како спортисти и како активисти, беа во опасност и во име на сите нивни врсници ширум светот, ѝ се заблагодаруваме на меѓународната заедница што ни помогна. Би сакале да оддадеме почит на неуморната, деноноќна работа на многу луѓе, вклучувајќи ги Калида Попал, Кели Линдзи, Ники Дриден, Алисон Батисон, Хали Картер и Крег Фостер, кои им помогнаа да обезбедат безбеден излез од Авганистан. Има уште многу работа да се направи за поддршка и обезбедување на овие млади жени и ја повикуваме меѓународната заедница да се погрижи за да ја добијат сета помош што им е потребна. Има уште многу спортисти во Авганистан кои се изложени на ризик и треба максимално да ги поддржиме“, додаваат тие.
„Последните неколку дена беа исклучително стресни, но денес постигнавме важна победа. Фудбалерките беа храбри и силни за време на кризата и се надеваме дека ќе имаат подобар живот надвор од Авганистан. Но, има уште многу работа да се направи. Женскиот фудбал е семејство и мора да се осигураме дека сите се безбедни”, рече капетенот на женската репрезентацијата, Попал.