Француско-норвешки тим на археолози во пустина во Египет открија остатоци од христијански монашки ќелии од петтиот век, соопшти египетското Министерство за антиквитети. Ова е трета ископувачка кампања на локалитетот Тал Гануб Каср ал-Агуз во оазата Бахарија.
„Тимот откри неколку згради направени од базалт, други врежани во основата, а некои од тули од кал. Комплексот е составен од шест сектори, кои содржат урнатини на три цркви и ќелии на монаси, чии ѕидови носат графити и симболи со коптски конотации“, рече Осама Талат, шеф на исламските, коптските и на еврејските антиквитети во Министерството.
Шефот на мисијата, Виктор Гика, откри дека 19 структури и црква издлабени во основата биле откриени во 2020 година.
„Ѕидовите на црквата беа украсени со верски натписи и библиски пасуси на грчки јазик откривајќи ја природата на монашкиот живот во регионот. Тоа јасно покажа дека монасите биле присутни таму од петтиот век од нашата ера“, рече Гика.
Далечното место, кое се наоѓа во пустината југозападно од главниот град Каиро, било окупирано од четвртиот до осмиот век, со веројатно врв на активност околу петтиот и шестиот век, според Францускиот институт за ориентална археологија одговорен за мисијата.
Каиро објави неколку нови големи археолошки откритија во последните месеци со надеж дека ќе го поттикне туризмот, сектор што претрпе повеќе удари – од бунт во 2011 година до пандемијата на коронавирусот.