За едно евро се продаваат куќи во Италија, а Сицилија плаќа да ја посетите

Глобалната пандемија ги сопре патувањата, но и „трката“ по куќи по поволни цени во Италија. Но, трендот на продажба на „куќи за едно евро“ се враќа. Се чини понудите се подобри од кога било, пишува Си-ен-ен.

Чинквефронди, заедница во италијанска Калабрија, село кое се нарекува „corona free“ територија, се надева дека тој статус ќе го задржи и со понудата на привлечни домови, што ги пласира на пазарот за едно евро.

Во Чинквефронди градоначалникот Микеле Коние ја смета оваа задача толку сериозна што ѝ дал кодното име: „Операција убавина“.

„Пронаоѓањето нови сопственици на бројните напуштени куќи што ги имаме е дел од операцијата што ја покренав за да го вратиме животот во напуштените делови од градот“, вели Коноа за Си-ен-ен.

Сите коишто ќе одлучат да купат куќа по таа цена, ќе мора да ја реновираат истата во наредните три години. Освен тоа, купувачите ќе мора да платат специјален данок од 250 евра.

Доколку во наведениот рок куќата не биде реновирана, сопственикот на истата ќе биде казнет со 20.000 евра.

 Сицилија ви плаќа да ја посетите: Италија направи план како да ги врати туристите

Земјите ширум светот почнуваат да размислуваат како повторно да привлечат туристи, но Сицилија веќе има план!

Италијанскиот остров Сицилија е многу популарен помеѓу туристите. Ситуацијата влијаеше во помала или поголема мера на туризмот во сите земји, а извесно е дека Италија, една од најпогодените земји, и тоа како ќе ги почувствува последиците и во оваа сфера.

Меѓутоа, Италијанците одлучиле да не ја препуштаат работата на случајот, па така италијанскиот министер повика туристите да летуваат токму во оваа земја, но Сицилија отишла еден чекор понапред.

Островот е затворен од 10 март, а се проценува дека загубите во туризмот досега се околу една милијарда евра. Затоа, властите на Сицилија смислиле план како да ги привлечат туристите штом се отворат границите.

Тие одлучиле на туристите да им ги покријат трошоците, односно да им платат половина од авионската карта и третина од хотелските трошоци, како и да им поделат бесплатни карти за многу музеи и археолошки атракции.

Туристите својот ваучер ќе можат да си го обезбедат на сајтот “Visit Sicily”, веднаш откако земјата ќе ги отвори границите. Засега сè уште не е познато кога ќе биде тоа, но е најавено отворање на рестораните на 4 мај, како и отворање на производствениот и градежниот сектор.

Се очекува дека есента ќе биде најдобар период за патување во Италија, но сепак сè зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата.

 

 Италијанско село плаќа 9 илјади евра за оние кои ќе се преселат во него

Во истиот месец кога во една сицилијанска општина се продаваат куќи за 1 евро, друга италијанска селска општина нуди 9.000 евра за оние кои ќе се преселат во неа. Пред да ги спакувате торбите и да го започнете патот кон Локана, постојат неколку услови што треба да ги знаете. Имено, секој кој сака да живее во оваа селска идила мора да има дете и годишна плата од најмалку 6.000 евра.

Градоначалникот на алпското село Локана, Џовани Матие, ја спроведува кампањата поради брзиот пад на населението од 7.000 жители во раните деведесетти години до едвај 1.500 денеска.

Понудата за преселба во напуштените куќи првично важеше само за италијански државјани, а денес ваквата можност се прошири и на други. Градоначалникот се надева дека ќе привлече млади луѓе кои можат да работат од дома или се подготвени да почнат нова работа во селото.

Инаку, селото има потенцијал за обновување благодарение на чистата енергија од хидроелектраната која се продава на државата. Со оглед на тоа што се наоѓа во срцето на националниот парк Гран Парадизо, особено се истакнува дека областа изобилува со природни убавини и е идеална за сите љубители на надворешни активности.

Scroll to Top