Градските власти во шведскиот град Малме му посветија бронзена статуа на Златан Ибрахимовиќ, во знак на благодарност за неверојатните успеси кои фудбалерот ги остварил на светско ниво.
Голем број Швеѓани денес се собраа пред новиот стадион во градот да се видат со фудбалерот, кој ја имаше честа да ја откри бронзената статуа со својот лик.
Статуата е висока 2,7 метри и тешка 500 килограми. Ибрахимовиќ фудбалската кариера ја почна во Малме, а во својата кариера има настапувано за Ајакс, Јувентус, Интер, Милан, Барселона, ПСЖ и Манчестер јунајтед.
„Многу сум среќен за местото каде што е поставена статуата. Тоа беше моја желба уште од почеток. Започнав во Малме и срцето ми е таму“, рече Ибрахимовиќ, пренесува Шведската фудбалска федерација.