Канабисот ќе лекува тешка епилепсија

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) ја одобри употребата на орален канабидиол (ЦБД) за третман на две тешки форми на епилепсија. Лекот се вика „епидиолекс“. Дозволен е за пациенти од две години па нагоре, за третман на ленокс-гастаут синдром и  дравет синдром. Тоа се две ретки и катастрофални облици на епилепсија што се јавуваат кај мали деца.

– Ова е важен медицински напредок, но исто така е важно да се забележи дека не е одобрување за користење на марихуаната со сите нејзини компоненти. Одобрението се однесува на специфичен лек за одредена употреба. И тоа беше засновано на добро контролирани клинички испитувања кои ја проценуваат користа на ова соединение во третманот на двата синдроми – соопштија од ФДА.

 

Одобрувањето доаѓа во време на сѐ погласната меѓународна дебата за тоа дали на пациентите со тешки форми на епилепсија треба да им биде дозволено да користат медицински канабис за да им помогне во нивната состојба. Ситуацијата е компликувана затоа што, на пример, дравет синдромот е еден од најотпорните синдроми на лековите за епилепсија што досега се познати. Притоа, Агенцијата за храна и лекови бараше да најде цврсти докази и исполнување на ригорозни критериуми, пред да одобри кој било лек од канабис за медицинска терапија. „Епидиолекс“ е првиот лек што ги постигна овие стандарди.

Претходно, научни студии потврдија дека во тешки случаи на епилепсија, кога ништо друго не помага, помага канабисот. Истражувањата покажаа дека бројот на епилептични напади се намалил до 54 отсто кај луѓе со оваа болест, кои секој ден земале екстракт од канабис во тек на 12 недели.  Главна состојка во лекот што го примиле била канабидиолот, компонента на марихуаната која нема психоактивни својства. Третина од овие пациенти воопшто не реагирале на други третмани како што се антипилептични лекови, промени во исхраната, операции и електростимулации.

 

Во САД канабисот е легален за медицинска употреба во неколку држави.

Scroll to Top