Голема колку 30 фудбалски игралишта: најголемата елка во светот, која е регистрирана во Гинисовата книга на рекорди

Секоја година од почетокот на декември до неколку дена по Богојавление, на падините на планината над италијанскиот град Губио, најголемата елка во светот ја осветлува ноќта, еден од најпрепознатливите симболи на божиќниот период во Умбрија и низ цела Италија.

Губио е еден од најубавите средновековни градови во централна Италија, а познат е и по легендата за Свети Франциско и волкот од Губио, објавува „Пункуфер“.

Спектакуларната светлечка инсталација по која стана познат во модерното време градот, првпат е инсталирана во 1981 година, а во 1991 година е запишана во Гинисовата книга на рекорди. Елката се состои од повеќе од 700 светла поврзани со околу 8.500 метри електрични кабли и може да се видат од километри.

Обликот на елката ги оцртуваат повеќе од 300 зелени светла, додека внатрешноста е исполнета со повеќе од 400 разнобојни светла. Ѕвездата на врвот има површина од околу илјада квадратни метри, а се состои од повеќе од 250 светла, кои се протегаат сè до базиликата Свети Убалд, светецот-заштитник на градот кој бдее над неа.

Целата инсталација е висока околу 750 метри, широка 450 метри во основата и е голема колку триесет фудбалски игралишта. Токму поради својата монументалност и импресивност, привлекува илјадници посетители од Италија и светот секоја година.

Од самиот почеток, проектот го одржува група посветени волонтери. Ламбите традиционално се палат на 7 декември, со свечена церемонија на која присуствуваат истакнати личности од културата, науката и хуманитарната работа. Меѓу оние кои учествуваа на церемонијата на палење низ годините беа папите – Бенедикт XVI и Франциско.

Секој што сака може да учествува во иницијативата „Посвој ја светлината“ и да ја посвети на близок со донација од 15 евра. Собраните средства делумно се користат за покривање на трошоците за електрична енергија. Секоја светилка е достапна за посвојување за време на божиќната сезона.

Scroll to Top