Родители од Индија го тужат својот син единец 35-годишниот Шри Сагар затоа што и по шест години брак со 31 годишната Шубханги Синха, тој не им порадил внуче.
Сањеев 61 и Садана Прасад 57, од индиската држава Утараканд велат дека ја потрошиле целата своја заштеда за да му ги платат обуката за пилот и раскошната венчавка.
Тие сега бараат компензација од 650.000 долари. Му дале и период од една година за да им подарат внуче. Засега Сагар и Синха немаат дадено изјава за случајот.
Родителите потрошиле 65.000 долари во 2006 година за да го испратат во САД на обука за пилоти. Тој во Индија се вратил во 2007 година, кога останал без работа. Семејството пак морало финансиски да го издржува и во наредните две години, објави „Тајмс оф Индија“.
Сагар во меѓувреме пак се вработил и во моментов работи како пилот. Родителите велат дека во 2016 тие му го договориле бракот со Синха, надевајќи се дека ќе им подарат внуче со кое ќе си играат по пензионирањето. Судското рочиште е закажано за 17 мај.