Германски државјанин на автопат во Баварија си ги заборавил своите две ќерки, пишуваат германските медиуми. Тој со девојчињата патувал кон езерото Гарда по повод велигденските празници, а неговата сопруга останала дома.
„Девојчињата отишле до тоалетот, а кога се вратиле, го немало ни автомобилот ни таткото. Девојчињата го знаеле домашниот телефонски број и успеале да стапат во контакт со мајката, преку која дошле и до мобилниот телефонски број на таткото“, наведуваат медиумите.
Полицијата ѕвонела 48 пати кај несовесниот татко, кој не се одѕвал на повиците, а веќе се наоѓал во Австрија, на 170 километри оддалеченост.
Пред полицијата на сослушување мажот изјавил дека не забележал оти неговите ќерки не се во автомобилот.