Божиновска од УГД Штип: Без наука нема современо рударство и зелена транзиција

Каталог на минерални суровини, мапа на геолошките истражувања, заштита на македонскиот рубин и развој на агроволтаици се дел од иницијативите што ги најави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по работната средба на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Божиновска се сретна со ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски, и раководството на Универзитетот, со кои разговарала за поврзување на научните истражувања со потребите на енергетскиот и минералниот сектор. На средбата биле утврдени насоки за заеднички истражувачки и развојни проекти.

„Се согласивме за една клучна работа: нема современо рударство и зелена транзиција без наука, технологија и силни институции. Затоа, го поврзуваме Министерството со научната заедница за знаењето конечно да стане двигател на економскиот развој“, напиша Божиновска во својата објава.

Меѓу најавените приоритети се изработката на каталог на минералните суровини и сеопфатна мапа на геолошките истражувања во Македонија. Во фокусот е и истражувањето на критичните минерали, кои министерката ги посочува како значајни за современата индустрија и за вклучување на земјата во европските синџири на вредност.

Посебна иницијатива е предвидена за заштита, истражување и промоција на македонскиот рубин. Божиновска го опишува како непроценливо национално геонаследство, нагласувајќи ја потребата неговата вредност да се зачува и научно да се истражува.

Соработката ќе ја опфати и примената на агроволтаици, односно фотоволтаични системи во земјоделството. Според најавата, целта е поврзување на производството на чиста енергија со поголема конкурентност во земјоделскиот сектор.

Во образованието, пак, најавени се нови студиски програми и можности за практична работа на студентите. Преку овие активности треба да се подготвуваат млади кадри што ќе придонесат во развојот и примената на обновливите извори на енергија.

Божиновска ја истакна и важноста на европските фондови и лабораториските капацитети на УГД за реализација на иницијативите.

„Со поддршка од европските фондови и искористување на врвните лабораториски капацитети на УГД, создаваме услови минералниот и енергетскиот потенцијал на нашата земја да го претвориме во реална економска вредност за сите граѓани“, порача министерката.

Од Универзитетот соопштија дека соработката ќе овозможи аплицирање за проекти пред домашни и меѓународни фондови. Покрај минералните суровини и енергетиката, предвидени се и области поврзани со заштитата на животната средина, водните ресурси и климатските промени.

Ректорот Мираковски ја нагласил подготвеноста на УГД да ги стави своите научни и лабораториски капацитети во служба на државата и граѓаните. Според универзитетското соопштение, за две недели е најавена нова средба на која поконкретно ќе бидат дефинирани приоритетните заеднички проекти.

Scroll to Top