Секој нов капацитет за производство на енергија има пошироко значење од вредноста на самата инвестиција, бидејќи придонесува за посигурен, постабилен, поконкурентен и помодерен енергетски систем, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Таа денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата когенеративна централа на „ТЕССА Енерџи“ во Општина Чаир. На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, како и заменик-премиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
„Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој ќе биде сигурен, стабилен, модерен и конкурентен – систем кој ќе може да одговори и на потребите на граѓаните и на растечките потреби на индустријата“, истакна Божиновска.
Според министерката, енергетската сигурност не треба да се разгледува исклучиво низ производството на електрична енергија. Таа е директно поврзана и со економската стабилност на државата, конкурентноста на компаниите, привлекувањето нови инвестиции и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
„Секој нов мегават домашно производство значи дополнителен капацитет и поголема отпорност на нашиот систем во услови на променливи цени и неизвесности на европските и светските енергетски пазари“, порача Божиновска.
Таа нагласи дека понатамошниот развој на енергетскиот сектор треба да се темели на континуирани инвестиции во нови производни капацитети, но истовремено и на вложувања во енергетската мрежа и инфраструктурата, подобрување на енергетската ефикасност, зголемено користење на обновливите извори и воведување современи технологии.
Развојот на когенеративни централи е дел и од пошироките планови за енергетска транзиција, бидејќи овие постројки истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија.
Божиновска посочи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи да создава стабилна и предвидлива средина за реализација на нови енергетски инвестиции. Притоа, како што нагласи, неопходно е да бидат заштитени јавниот интерес и сигурноста на енергетскиот систем.
„Македонија треба да продолжи да гради, да инвестира и да создава нови енергетски капацитети. Но секоја инвестиција треба да носи поширока вредност – за економијата, за локалната заедница и за иднината на државата“, рече министерката.
Новата когенеративна постројка на „ТЕССА Енерџи“ е изградена врз основа на овластување за изградба на енергетски објект, издадено од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Нејзиното пуштање во употреба следува по завршувањето на потребните технички прегледи и функционални испитувања.
Постројката располага со инсталирана моќност од 2,106 мегавати за производство на електрична енергија и 2,6 мегавати за производство на топлинска енергија.
Инвестицијата претставува прва фаза од поширокиот план за развој и модернизација на поранешната Топлана Скопје Север, која треба да прерасне во современ енергетски центар.
Од Министерството најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат политиките насочени кон зголемување на домашното производство, реализација на нови енергетски објекти и создавање посигурен и постабилен енергетски систем.






