Историски успех за македонскиот училишен спорт: Елена Мицковска избрана за член во Управниот одбор на Светската федерација на училишни спортови

Македонија за првпат добива свој претставник во највисокото раководно тело на Светската федерација на училишен спорт (ISF), откако претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија (ФУСМАК), Елена Мицковска, беше избрана за член на Управниот одбор на организацијата.

Одлуката беше донесена на првиот состанок на новоизбраниот Извршен одбор на ISF, кој се одржа во Белград. На средбата беше формирана управувачката структура на Федерацијата за новиот четиригодишен мандат, кој ќе трае од 2026 до 2030 година.

Во рамки на конституирањето на новото раководство, беше одлучено Елена Мицковска, заедно со Олабиси Џозеф од Нигерија, да бидат претставници на Извршниот одбор во Управниот одбор на ISF – највисокото управувачко тело на Светската федерација на училишен спорт.

Од ФУСМАК истакнуваат дека изборот претставува значајно признание за Македонија и за досегашниот развој на училишниот спорт во земјата.

„Овој избор има огромно значење за Македонија, бидејќи за првпат нашата земја добива свој претставник во највисоките структури на Светската федерација на училишен спорт. Тоа е признание за досегашната работа и развојот на училишниот спорт кај нас, но и голема можност Македонија активно да учествува во креирањето на идните политики и проекти за младите спортисти на глобално ниво. Изборот на Елена Мицковска е уште една потврда дека македонскиот спорт, преку посветена работа и вистински проекти, може да добие значајна улога и влијание и надвор од границите на нашата земја“, соопштија од Федерацијата на училишен спорт на Македонија.

Со формирањето на Управниот одбор, Светската федерација на училишен спорт ја заокружи клучната фаза од воспоставувањето на својата раководна структура за мандатниот период 2026–2030 година.

Извор: МИА

Scroll to Top