Коњановски: Со над 310 милиони денари ја унапредуваме училишната спортска инфраструктура во Битола

Училиштата во Општина Битола се целосно подготвени за утрешниот почеток на новата учебна 2026/2027 година, информираше денеска градоначалникот Тони Коњановски на прес-конференција.

Коњановски истакна дека во текот на летниот распуст се реализирале бројни инвестиции и активности за подобрување на условите за учениците, при што посочи дека над 310 милиони денари се вложуваат во училишната спортска инфраструктура, средства обезбедени од Владата и од буџетот на Општина Битола.

„Учениците одмараа, а ние работевме. Над 310 милиони денари се инвестициите во училишната спортска инфраструктура. Ова е една од најголемите инвестиции во последните неколку децении“, рече Коњановски.

Во рамки на инвестициите, 24 спортски терени ќе добијат основните училишта во Општина Битола. Во повеќе училишта веќе се градат или реконструираат спортски игралишта, а се реализираат и активности во ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Даме Груев“, ОУ „Тодор Ангелевски“, ОУ „Ѓорги Сугарев“, ОУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Коле Канински“.

Во изградба се и три типски училишни спортски сали во ОУ „Стив Наумов“, ОУ „Даме Груев“ – подрачното училиште во Долно Оризари и ОУ „Тодор Ангелевски“, како и училишната спортска сала во Бистрица.

Паралелно се реализираат и проекти за подобрување на енергетската ефикасност. Во тек се постапки за поставување фотоволтаици во неколку училишта, а во завршна фаза е поставувањето на фотоволтаични панели во ОУ „Св. Климент Охридски“. Се подготвува и постапка за ОУ „Даме Груев“.

Во училиштето во населбата Буковски Ливади, кое ќе функционира како подрачно училиште на ООУ „Коле Канински“, во тек е реконструкција на објектот, а се подготвува и поставување енергетски ефикасна фасада. Во објектот претходно беа поставени топлински пумпи.

Коњановски информираше дека топлински пумпи се поставуваат и во ОУ „Стив Наумов“, кое веќе има енергетски ефикасна фасада, нова дограма, покрив и фотоволтаици. Со тоа, како што посочи, се очекува подобро греење и намалување на користењето екстра лесно масло.

Градоначалникот се осврна и на бројот на ученици. Според податоците од училиштата, годинава во прво одделение се запишани 666 првачиња, што е повеќе во споредба со минатата учебна година, кога биле запишани 661 ученик. Вкупниот број на ученици во основните училишта во Општина Битола изнесува 6.903.

Поради намалениот број на ученици, ќе се оптимизираат 13 паралелки во осум основни училишта, додека три подрачни училишта ќе бидат ставени во мирување. Станува збор за подрачните училишта во селата Породин и Канино, во рамки на ООУ „Крсте Петков Мисирков“, и училиштето во село Дихово, кое е дел од ООУ „Трифун Пановски“.

За учениците кои учеле во училиштата што се ставени во мирување, обезбедено е продолжување на образованието во најблиското училиште, како и организиран превоз до училиштето и назад до нивните домови, со согласност на родителите или старателите.

Коњановски нагласи дека со оптимизацијата нема да има наставници кои ќе останат без работен ангажман, додавајќи дека сите ќе продолжат да работат во основните училишта во општината.

Во средното образование, пак, за учебната 2026/2027 година во прва година се запишани 698 ученици, што е за 11 помалку од минатата година. Вкупниот број на ученици во средните училишта е 2.914, наспроти 2.912 во учебната 2025/2026 година.

Општина Битола и оваа година ќе додели по 3.000 денари парична помош за секое прваче.

„Утре на првиот училишен ден ќе посетам три училишта, а в петок, на 4 септември, ве поканувам во Градскиот парк во Битола каде, како и ланската година, ќе се одржи ‘Училишна приказна’, ден кога се слават првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење“, порача Коњановски.

Scroll to Top