Проданоски: Сè е подготвено за стартот на новата учебна година во Прилеп (ВИДЕО)

Општина Прилеп е целосно подготвена за почетокот на новата 2026/27 учебна година, информира градоначалникот Дејан Проданоски.

Тој посочи дека сите основни и средни училишта на територијата на општината се подготвени за непречен почеток на наставата, како во делот на инфраструктурата и училишните објекти, така и во однос на човечките ресурси.

„Во изминатиот период, со сопствени средства од општинскиот буџет и во соработка со Министерството за образование и наука, реализиравме значајни инвестиции за подобрување на условите за настава и престој на децата“, истакна Проданоски.

Според него, во училиштата се изградени и се градат нови спортски игралишта со современа мека подлога, реконструирани се покриви и спортски сали, а паралелно се реализираат и проекти за зголемување на енергетската ефикасност.

Во рамки на овие активности се предвидени нови термо-фасади и поставување фотонапонски централи во училиштата.

Проданоски информираше и дека се надминати предизвиците поврзани со ученичкиот превоз, вклучително и обезбедувањето соодветен превоз за учениците кои патуваат од соседните населени места и општини.

„Од утре, наставата започнува беспрекорно и со подобрени стандарди во сите основни и средни училишта во Прилеп. На нашите ученици и наставен кадар им посакувам успешна учебна година“, порача градоначалникот Проданоски.

ВИДЕОТО МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА

Scroll to Top