Македонскиот Spiderlook меѓу европските стартапи на месецот: Платформата следи што прави конкуренцијата

Македонскиот Spiderlook меѓу европските стартапи на месецот: Платформата следи што прави конкуренцијата

Македонскиот стартап Spiderlook се најде меѓу шесте компании што полската платформа Vestbee ги издвои во својот ноемвриски избор на европски стартапи. Во објавата од 24 ноември, покрај Spiderlook, се претставени и компании од Германија, Чешка, Шпанија и Украина.

Spiderlook развива платформа за следење и анализа на конкуренцијата, наменета за маркетинг-тимови и агенции. Таа на едно место собира јавни објави на конкурентите на социјалните мрежи, нивни реклами на Meta и Google, како и промени на нивните веб-страници.

Според тимот на Spiderlook, анализата опфаќа и вести и текстови на интернет-портали во кои се спомнуваат компаниите што корисникот ги следи.

Од нова услуга до кампања на социјалните мрежи

Преку платформата, маркетинг-тимовите можат да добијат преглед како се развиваат активностите на конкурентите. Ако некоја компанија, на пример, претстави нова услуга, корисникот може да види кога понудата се појавила на нејзината веб-страница, како била претставена на LinkedIn или Instagram, со какви реклами била промовирана и кои портали објавиле текстови за неа.

Spiderlook користи вештачка интелигенција за да ги поврзе тие активности и да прикаже како се развивала кампањата. Корисниците можат да ги отворат и оригиналните објави, реклами и страници врз кои се заснова анализата.

Според информациите на Spiderlook, платформата ги проверува избраните извори секојдневно, а достапна е и можност за дополнително освежување на податоците.

Платформата може да се поврзе и со ChatGPT или Claude. На тој начин, корисникот може во разговор да постави прашање, на пример што променил одреден конкурент во своите реклами во текот на изминатата недела, и да добие одговор врз основа на собраните податоци.

Повеќе информации за поврзувањето се достапни во упатството на Spiderlook за ChatGPT и Claude.

Vestbee ги поврзува стартапите со инвеститори

Vestbee е платформа со седиште во Варшава, која ги поврзува стартапите со инвестициски фондови, бизнис-ангели и акцелератори.

Нејзината редакција Vestbee Insights објавува и извештаи за инвестициите во Централна и Источна Европа. Платформата е организатор и на инвестицискиот самит CEE VC Summit во Варшава, чие годинешно издание беше поддржано од Европскиот инвестициски фонд и полскиот PFR Ventures.

Scroll to Top