Вештачењето има значајна улога во функционирањето на правосудниот систем, бидејќи им помага на институциите да ги разјаснат сложените прашања при утврдувањето на фактите и анализата на доказите. Ова го порача заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, на годишната конференција на Комората на вештаци.
Во обраќањето пред учесниците, Николоски истакна дека работата на вештаците можеби не е секогаш доволно видлива за јавноста, но има големо значење за функционирањето на државата и за донесувањето судски одлуки.
„Вештачењето претставува еден од значајните столбови на правосудниот систем, бидејќи овозможува овие сложени стручни, технички, економски, медицински и други прашања од животот да бидат разјаснети преку знаење, искуство, методологија и најважно професионална објективност“, рече Николоски.
Тој ѝ оддаде признание на Комората на вештаци за нејзината улога во уредувањето, унапредувањето и афирмирањето на професијата. Според него, значењето на Комората се огледува и во придонесот кон градењето професионални стандарди, стручност, интегритет и доверба.
Николоски посочи дека со усложнувањето на општествените и правните односи постојано расте и потребата од квалитетно, независно и стручно вештачење. Тој нагласи дека секој збор во вештачењето има значење и влијание, поради што работата носи и голема општествена и правна одговорност.
„Како Влада ги вложуваме сите напори кон воспоставување на функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава и тука ја имате целата наша поддршка“, порача Николоски.
Тој додаде дека независноста на судската власт треба да се разбира како гаранција за непристрасно и објективно одлучување. На Комората на вештаци и на нејзините членови им посака успешна работа и понатамошно унапредување на професијата.






