Почина Владо Јаневски – Македонија остана без еден од своите најголеми музички уметници

Македонската музичка сцена остана без едно од своите најпрепознатливи имиња. Денеска во Скопје, по кусо боледување, на 65-годишна возраст почина пејачот и автор Владо Јаневски, потврдија негови блиски соработници.

Според информациите, Јаневски во изминатите неколку месеци се лекувал во една од приватните болници во Скопје. Поради здравствената состојба беше откажан и неговиот концерт во Охрид, кој требаше да се одржи во август и беше најавен уште на почетокот на годината.

Последен пат настапи во јавноста во март годинава, кога беше специјален гостин на концертот на хрватската пејачка Весна Писаровиќ во Македонската филхармонија. Претходно, на 14 февруари, одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ – Бајага во Скопје, а две недели подоцна настапи и на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје. Во својата богата музичка кариера издаде шест студиски албуми и остави зад себе десетици безвременски хитови кои го одбележаа македонскиот музички простор.

Меѓу неговите најпознати песни се „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други композиции што со години се дел од домашната музичка антологија.

Пред успешната соло кариера, Јаневски беше член и пејач на групите „Бон тон“ и „Ластовица“, а во 1998 година испиша историја како првиот македонски претставник на Изборот за песна на Евровизија со песната „Не зори зоро“.

Последните неколку години живееше во Гевгелија, далеку од јавноста, но остана активен на музичката сцена сè до влошувањето на здравствената состојба.

Со неговото заминување, Македонија изгуби исклучителен музички автор, интерпретатор и уметник, чии песни ќе продолжат да живеат и да ги обединуваат генерациите љубители на македонската музика.

Scroll to Top