На денот на Задушница, семејствата и блиските на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно излегоа на марш, испраќајќи силна порака дека споменот на 63-те жртви не смее да биде заборавен.
Во 19:05 часот од спортското игралиште во селото Ратавица започна 44-тиот „Марш за ангелите“, организиран од Здружението „16-ти Март“, кое го носи датумот на трагичниот настан што засекогаш ги промени животите на многу семејства.
Родителите и блиските на загинатите нагласуваат дека нивната борба не е насочена кон одмазда, туку кон правда преку институциите и судскиот систем. Тие потенцираат дека не бараат пресуди на улица, туку фер и транспарентен судски процес што ќе ги утврди фактите и одговорноста за трагедијата.
Маршот се одржа во атмосфера на тишина, молитва и достоинствено сеќавање на младите животи што прерано згаснаа. Воедно беше упатена поддршка и до повредените кои и понатаму се справуваат со последиците од несреќата.
Организаторите порачаа дека болката не исчезнува, но дека нема да се откажат од барањето за правда. Според нив, трагедијата не смее да биде заборавена или сведена на уште една вест, туку мора да остане потсетник за одговорност и вистина.
Граѓаните беа повикани масовно да се приклучат на маршот и со своето присуство да покажат солидарност со семејствата кои веќе со месеци ја водат својата битка за правда.






