Илјадници граѓани чекаат со часови за да му се поклонат на Џорџо Армани

Стотици граѓани од рано утро се собраа пред просториите на Џорџо Армани на улицата Бергњоне во Милано за да му оддадат последна почит на легендарниот италијански моден креатор. Во чест на дизајнерот е поставена комеморативна капела, која беше отворена за посетители во 9 часот, јавува АНСА.

Пред капелата беа формирани две редици – една за вработените во компанијата „Армани“, а друга за граѓаните. Меѓу првите кои пристигнаа беа градоначалникот на Милано, Бепе Сала, претседателот на „Стелантис“, Џон Елкан со сопругата Лавинија, претседателот на Италијанската кошаркарска федерација, Џани Петручи, како и тренерот на „Олимпија“, Џани Месина.

Џорџо Армани почина на 4 септември, на 92-годишна возраст. Од модната група „Армани“ соопштија: „Со огромна тага ја објавуваме смртта на нашиот творец, основач и неуморна движечка сила – Џорџо Армани“.

Познат како „Кралот Џорџо“, Армани беше симбол на модерен италијански стил и елеганција. Покрај дизајнерскиот талент, тој важеше и за умешен бизнисмен, водејќи компанија со годишен промет од околу 2,3 милијарди евра. Во последно време имаше здравствени проблеми, а ова лето за првпат ја пропушти машката модна ревија на Миланската модна недела.

Scroll to Top