Актерот Славиша Кајевски трагично го загуби животот

Македонскиот актер Славиша Кајевски почина на 39 години. Веста за неговата смрт утрово ја објавија од Македонскиот народен театар. Оттаму со неверување се простија од актерот кој повеќе од десет години работеше во МНТ.

„Со огромно жалење и неверување известуваме дека нашиот актер Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот.  Нè остави збунети, во болка и во неверување. Нè остави во длабока тага. Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите. Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената“, стои во соопштението од театарот.

Кајевски е роден на 1 февруари 1982 година во Скопје. Дипломира на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра, во класата на професор Владимир Милчин, во 2005 година. Од 2010 година е актер во Македонски народен театар.

Кајевски глумеше во повеќето претстави на МНТ што се играа изминативе десет години.

„Ти на оваа сцена беше Клег во Бесачи, Ленокс во Макбет, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, глумеше во Декамерон, Животот е сон, беше Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“. Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо“, Енди Гомез во Baaghi, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, војникот во „Караула“, момчето со маска во Бал-кан-кан,“ додаваат од театарот.

Комеморацијата на Славиша Кајевски е закажана за петок, 3 декември, во 10 часот во МНТ, а погребот ќе се одржи во 12 часот, во капелата Ѓорче Петров, објавија од Македонскиот народен театар.

Scroll to Top