Македонските репрезентативци утрово тргнаа во Букурешт, Романија, каде што првпат ќе играат на Европското првенство во фудбал. На поаѓање пред хотелот им фрлија вода за к’смет, според стариот обичај. Фудбалерите пред да заминат се сретнаа со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, а потоа на аеродромот ги пречека премиерот Зоран Заев, кој се сликаше со нив и им посака среќа.
За потсетување, Заев инсистираше да се види со фудбалерите макар и во кафеана за да им посака среќа, но претседателот на ФФМ, Сејдини, не дозволуваше, оти, според него, такви биле правилата на УЕФА.
Ова е прво големо натпреварување на македонските фудбалери кои изминатите недели се подготвуваа во Скопје. Тие одиграа два контролни натпревара, со Словенија и со Казахстан, па најавија дека ќе се борат за победа и бодови на секој натпревар.
Првиот натпревар фудбалерите ќе го играат на 13 јуни против Австрија, со Украина играат на 17 јуни и третиот натпревар е закажан за 21 јуни против Холандија.
Фото: ФФМ