Слаткар, Бени, Влатко Стефановски, Љубојна ќе пает на 8. септември

Танц на дечиња со Даунов синдром заедно со професионални танчери од студиото „Денсер јунајтед МК“ е еден од настаните со кои Владата годинава одлучи да се одбележи Денот на независноста 8 септември. Нивниот настап под насловот „Различноста е убава“ ќе биде на главната бина која ќе биде поставена пред Владата на булеварот Илинден, а ќе почне во 18.35 часот во четврток. Под слоганот „Македонија слободна слободно живее“ славењето 26 години независност ќе почне в среда со рекреативна атлетска трка на Кејот на Вардар, еколошка акција за чистење на Кејот, одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа и скејт активности во организација на Агенцијата за спорт и млади. Од 18 часот на платото пред Влада ќе има детска претстава, „Маша и нејзината приказна“ со актерите Сашо Ристовски, Мирјана Попова – Ристов и Роберт Ристов. По претставата славењето се сели на главната бина каде што први ќе настапат танчарите, а потоа гудачкиот квартет ВИВА – стринг и хорот на Македонската опера и балет. Во 19 .35 часот е најавено обраќањето на премиерот Зоран Заев, а потоа следуваат настапи на Биг бенд од Здружениерот на џез музичари на Македонија, Љубојна со Џамбо Агушев, Бени и Нон-стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски трио, албанскиот бенд К’пудрат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика за крај на прославата пред Влада.

Scroll to Top