Рускиот ракометар Тимур Дибиров уште една година ќе игра во Вардар. Во време кога од клубот си заминаа повеќето ракометари, а Сергеј Самсоненко се откажа од европскиот шампион, Тимур реши да остане. Вели, го засакал градот во кој живее веќе 7 години. Неговата ќерка Тиана е родена во Скопје, а и синот Мурад израсна тука.
Последните два месеца, како и сите, Тимур времето го поминува дома, со семејството. Бидејќи ракометната сезона официјално заврши, а Олимпијадата се откажа, наместо во арената „Јане Сандански“ со ракометарите, тој тренира сам, дома. Понекогаш вежба и заедно со децата. Во разговор за „Репортер“ тој ни раскажа како го поминува времето и рече дека никогаш не помислувал дека ќе биде толку активен и ќе вежба напорно за да остане во форма додека седи дома.
„Со семејството веќе се навикнавме да сме затворени, па не е страшно. Но, од друга страна, едвај чекаме сето ова да заврши. Мене во прво време многу ми фалеа активности и тренинзите, но почнав да вежбам дома. Никогаш порано се сум тренирал толку напорно дома. Ми беше чудно и тешко, ама се навикнав. Сега чекам да дојде август за да почнеме со стандардните подготовки“, ни рече тој.
И додека нему му фали ракометот, на децата им недостига училиштето.
„На училиште имаат многу пријатели и им фали дружењето со нив. И јас периодов многу им помагав на децата со учењето, па поминавме многу интересни моменти заедно“, додава Дибиров.
Ни откри и дека првпат по неколку години, тој и сопругата Ирина Полторацкаја, која беше една од најдобрите руски ракометарки, летово нема да одат во Русија.
„Ситуацијата во Русија сега е многу тешка, па затоа е подобро да останеме тука“, рече Тимур.
А. Јовановска