Минатиот викенд во кафеана во Стајковци беа приведени новинарот Миленко Неделковски, членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, па сега на социјалните мрежи се појави видеото од забавата што траела по 21 часот. На снимката гостите ја пеат „Излези момче право на тераса“ и не држат физичка дистанца како што е пропишано со протоколите за заштита од Ковид-19.
„Па вредело што ги привеле, и јас би останал – не до 23, туку до 5 сабајле на ваква журка“, „На натпревар се или во кафеана“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
При упадот на МВР и Државниот инспекторат во кафеаната што работела подоцна од дозволеното биле приведени 18 лица, а неколкумина избегале кога влегла полицијата. Тогаш Александар Пандов изјави дека никој не им кажал дека поминал 21 часот и дека кафеаната треба да се затвори, но и дека толку се занеле во атмосферата, што изгубиле осет за времето.