Во вторникот, 25 јануари, во Спомен-куќата на Тоше Проески се одржа хуманитарен настан во чест на неговиот 41. роденден. Програмата почна во 10.30 часот, со промоција на книгата на Бојан Тодоровски, лице со телесен инвалидитет, кој бил инспириран од Тоше, по што Никола Зецевски имаше музички настап заедно со групата „Мелем“.
По музичкиот настап, се одржа промоцијата на збирката песни „1.200 молитви за Тоше“, чиј организатор и уредник е поетесата Маријана Митревска. Во стихозбирката учество зедоа над 150 автори од целиот регион, од кои 25-мина дојдоа лично да ги прочитаат своите дела. Делото е од хуманитарен карактер, па сите пари собрани од продажбата ќе бидат донирани во манастирот „Свето Преображение“ во Крушево.
„Сите имавме неверојатна трема, но сепак се чувствувавме возбудено и среќно што се сретнавме затоа што имаше поети од Хрватска, Бугарија и шест девојчиња од Крушево. Се чувствуваше и тагата што читаме песни, а Тоше не е тука“, вели Маријана.
Таа додава дека секоја песна од стихозбирката ја смета за молитва, па преку молитвата читателите се зближуваат со Тоше и го чувствуваат во своето срце, а со овој хуман гест се продолжува неговото дело.
„Сите сакаат роденденот на Тоше да се прогласи за ден на хуманоста, најпрвин во земјата, а потоа и во регионот“, вели поетесата.
Идејата за книгата произлегла од нејзината посета во јули 2019 година, но не сакала ништо да стори без дозвола од фамилијата Проески. Таа неколкупати била во контакт со нив, но поради пандемијата, не било возможно да се реализира целиот настан за ланскиот јубилеен 40. роденден на Тоше. Но, како што вели Маријана, упорноста се исплатела, па успеала да ги собере сите тие песни од разни земји за 40 дена.
„Тоше имаше обожаватели насекаде, а меѓу нив имаше многу поети. Собрав и речиси 200-500 песни, кои не влегоа во книгата бидејќи многу од нив беа плагијати и преземени. Мојата замисла да се обединиме повторно заедно за Тоше е успешно реализирана од повеќе уметнички гранки: литература, музика и сликарство“, вели Маријана.
Таа додава дека ѝ требало време додека да го реализира овој огромен проект, па изминативе две години ги запознала поетесите што активно пишуваат песни за Тоше уште од 2007 година. На почетокот имала собрано 600 песни, но набргу бројката достигнала до 900, па преостанатиот дел го пополниле поети што испратиле уште по неколку песни.
„За учество немаше никакви услови, можеа да учествуваат сите, без разлика на нивната возраст, религиозна определба или националност. Имав тешкотии за складирањето и уредувањето на песните, внимававме на податоците на поетите, како и обезбедувањето финансиска помош“, искрена е Маријана.
Таа додава дека е среќна што успеала најпосле да го реализира својот проект заедно со сите Македонци што живеат надвор од земјата, но и другите обожаватели на Балканот. Оние што не успеале да напишат песна, учествувале финансиски, со изработката на корицата или дале рецензија.
По промоцијата на книгата, крушевскиот градоначалник Томе Христоски и директорката на Спомен-куќата, Лефкија Гаџовска, доделија хуманитарни ваучери по што се упатија кон вечното почивалиште на Тоше.
Настанот кулминира со музичко-сценскиот настап на камерниот оркестар на Битола, пијано-трио од Скопје и солисти на Македонската опера и Балет, со диригентот Владимир Димовски. Меѓу солистите беше и познатиот пејач Огнен Здравковски.
За потсетување, во текот на целиот ден, традиционално, се одржа и крводарителската акција на Црвениот крст во чест на Тоше.
Марија Прличкова
фото: Сашо Ставрев