Пејачката и водителка Јана Бурческа кон крајот на јули го роди своето второ дете, синот Дарин. Ни откри дека породувањето било лесно, а дека и таа и синот се чувствуваат одлично. Бебето се родило 52 сантиметри, а тежело 3.890 грама.
„Дома сме речси еден месец, Дарин го родив на 27 јули. Напредува одлично. Мирно бебе е, спие многу повеќе и од Дона кога беше бебе, па и јас можам да се наспијам“, ни откри Јана.
Нејзината ќерка Дона (2), уште е по малку збунета околу бебето, но полека се навикнува на промените што се случуваат.
„Умна е и Дона, а со Дарин е многу внимателна. На страна знае да збесне понекогаш. Но, мислам дека збеснува зошто е долго време внатре, згора на сè и нова ситуација со нов човек дома. Балансирањето со двајцата е вистинскиот предизвик, но добро се држам“, вели Јана за „Репортер“.
Пејачката претходно долго време ја криеше бременоста и откри дека ќе стане мајка дури во осмиот месец.
„Такви беа условите тогаш и со Аце одлучивме да го зачуваме овој момент за нас и најблиските. Со оглед на природата на мојата работа, бев подготвена и многу порано да кажам, но ете, се случи пандемија и отсуството од екраните ми даде можност да уживам во раатот, кој верувајте ми, е непроценлив“, рече тогаш Јана.
Таа ја роди Дона на 24 години, па во интервјуто призна дека и таа растела заедно со својата ќерка. Тогаш ни кажа и дека второто дете ќе биде машко, а дека нејзиниот сопруг Александар е пресреќен што ќе имаат син.
А. Јовановска