Адријана Поп Арсова постави нов рекорд во маратон

Маратонката Адријана Поп Арсова, членка на АК „Делта“, на маратонот во Ајнтховен, Холандија, што се одржа во неделата, постави нов македонски рекорд со резултат од 3:00:44 часа. Таа со ова го подобри претходниот рекорд во Македонија во маратоните за жени, а кој го постави самата во мај на „Визер скопски маратон“. Нејзиното претходно време беше 3:05:04 часа.

„Немав некои потешкотии во текот на трката, освен тоа што првите 2 1км ги поминав пребрзо и имав мала криза на 25 км. Искрено мислам дека крајниот резултат ќе беше подобар да не се случеше тоа. Но, ова е искуство плус за мене за следниот маратон. Задоволна сум и со ова остварување во овој момент. Маратонот е мојата омилена дисциплина токму заради тежината и неизвесноста што ја носи“, рече Адријана по трката.

Таа вели дека во следниот период ќе одмори од трчањето и дури потоа ќе реши кој ќе биде нејзиниот следен маратон.

„Тогаш ќе се обидам и да се симнам под границата од 3 часа“, рече Адријана.

Оваа 28-годишна девојка од пред пет години се занимава со атлетика. Освен што е член на атлетскиот клуб „Делта“, таа трча и за репрезентацијата на Македонија. Во интервју за „Репортер“ пред неколку месеци таа откри дека за секој маратон се подготвува неколку месеци, а освен секојдневните тренинзи и вежби, има и посебен режим на исхрана, што подразбирало многу течности и јаглехидрати. Поп Арсова го држи и македонскиот рекорд во полумаратон и рекордот на 10 км, кој неодамна го постави на Скопје трча 10 км.

Scroll to Top