Аксвел и Ингросо на Скопје колинг во патики од Сатја Грабулоски

Шведското дуо Аксвел и Ингросо вчеравечер беа главни ѕвезди на првиот ден од големиот музички фестивал „Скопје колинг“, во организација на „Авалон продукција“. Пред почетокот на фестивалот момците се сретнаа со македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски. Тој на поранешните членови на „Свидиш хаус мафија“ им подари патики со уникатен дизајн, а момците ги носеа на настапот во Скопје.

„Долго размислувавме за дизајнот. На крајот одлучивме да се водиме од омотот на нивниот последен албум, ама во графити стил. Патиките имаат нивни силуети на задните делови и ја носата пораката што ја испраќа нивната музика, да сонуваме и да чувствуваме љубов“, вели Сатја за „Репортер“.

Тој открива дека патиките се одобрени од „најк“ и од „адидас“, светски компании со кои соработуваат популарните музичари.

„Ова ни значи многу, оти цртавме на патики што дури за околу шест месеци ќе бидат пуштени во редовна продажба, а сега се прават само за нивните ексклузивци“, додава Сатја.

Аксвел и Ингросо вчеравречер првпат настапија пред македонската публика. Интересно е тоа што на концертот во Скопје имаше нивни фанови од Австралија, кои, како што ни рекоа, го вклучиле Скопје во своето патување низ Европа само заради настапот на шведското дуо на „Скопје колинг“.

(А.Ј)

Scroll to Top