Актерот Борис Чоревски е добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Актерот Борис Чоревски е добитник на наградата за животно дело на 55. театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Веста дека Чоревски е добитник на престижната награда ја соопшти неговиот матичен театар, Народниот театар – Битола.

„Честитки за наградата, која значи заокружување на едно долгогодишно театарско творештво“, велат од битолскиот театар.

Борис Чоревски е роден во Скопје на 15 септември 1949 година. Основно и средно образование завршил во Битола, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот актерска игра.

На сцената на Народниот театар од Битола настапува од дете како статист, а играл и епизодни улоги во неколку претстави. Како младинец ја освоил наградата за најдобра машка улога за ликот на Хенри во претставата „Незакопани мртовци“ од Жан Пол Сартр на Сојузниот натпревар на аматери глумци од поранешна СФР Југославија. По дипломирањето во 1975 година, се вработил во Народниот театар во Битола, каде што остварил над 100 улоги.

Како гостин настапувал во театрите во Прилеп, Штип и во Струмица.

Во текот на долгата кариера Чоревски глумел и во многу телевизиски серии и филмови, меѓу кои и „Црвениот коњ“, „Големи и мали“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, а последната филмска улога ја имаше во 2018 година во филмот „Година на мајмунот“.

Scroll to Top