Александра Јовановска е долгогодишен уредник и водител на музичката емисија „Стисни плеј“ на МРТ. Од 2013 година таа е шеф на прес на Евровизија, а викендов престојуваше во Осло како член на интернационалното жири на норвешкиот избор „Мелоди гран при“. Таа своите 12 поени му ги додели на Александар Рибак, победникот на „Евровизија“ од 2009 година, кој и годинава ќе пее за Норвешка.
„Не е првпат јас или некој член од нашата делегација да е дел од интернационално жири за ‘Евровизија’ на другите земји. Таа соработка постои меѓу делегациите кои знаат дека мислењето на луѓето инволвирани во овој проект е најверодостојно, бидеќи тие најдобро ја познаваат душата на настанот. И ние го имавме тој принцип на гласање во 2014 година, кога на ‘Скопски фестивал’ за победникот одлучуваше жири од седум земји. Годинава, на пример, нашиот шеф на делегација, Мери Попова, беше член на интернационалното жири на Евровизија на Малта“, раскажа Александра по враќањето.
Таа вели дека организацијата потсетувала на онаа на „Евровизија“ оти продуцентот на ова шоу, Матијас Карлсон, е главен сценски режисер и на „Евровизија“.
Шеста година по ред Александра е шеф на македонскиот евровизиски прес. Нејзините емисии поврзани со овој музички настан се препознатливи кај публиката, а таа и понатаму чувствува голем предизвик додека ги работи.
„Работата на ‘Евровизија’ е ретка можност за еден новинар да стекне искуство на интернационално ниво, да се надгради. Веројатно затоа ги прифаќам сите предизвици што ги носи овој настан, а ме тераат да бидам подобра и поснаодлива во тоа што го правам. Што се однесува до емисиите, снимањата ми се во крв, јас сум пред сè новинар. Тоа е нашата основна задача“, раскажа Александра за „Репортер“.
Македонската телевизија вчеравечер ја промовираше евровизиската песна Lost and Found на „Ај Кју“, а првите реакции и коментари се позитивни.
„Реакциите се одлични, а и гледаноста на видеото на официјалниот јутуб-канал на ‘Евровизија’ се зголемува. За неполни 24 часа одиме кон 200.000 прегледи. Коментарите се дека Македонија и годинава не разочара, напротив понуди одлична и модерна песна која на специфичен начин инкорпорира дури три музички стила. Велат и дека Марија има прекрасен глас и шармантен вокал што освојува. Не очекуваме секому да му се допадне песната, но радува што повеќето евровизиски фанови посакуваат Lost and Found да не биде потценета при гласањето“, ни рече Александра.
„Ај Кју“ овие месеци ќе има средби со новинарите и со евровизиските фанови од Европа и ќе ја презентира песната во живо.
„Овие настани се одлична можност за изведувачите да стекнат искуство, да го запознаат теренот и многу порелаксирано и со намален стрес да влезат во финалните две недели од целата евровизиска приказна која бара исклучителна подготвеност и енергија. Поканите за учество на најголемите промотивни настани веќе пристигнаа, а сега може да ја дефинираме и конечно листата на земји што ќе го посетат ‘Ај Кју’“, раскажува таа.
Во тек се и интензивни подготовки за сценскиот настап.
„Подготовките почнаа уште пред почетокот на снимањето на спотот. ‘Ај Кју’ секојдневно ги вежба сценските движења, но сè друго останува тајна, барем до првата проба во Лисабон. За нивниот стајлинг ќе се погрижи Милена Танасковска, нивен стилист и близок соработник последните неколку години. Таа го осмисли и стајлингот за снимањето на фотосесијата и видеозаписот“, ни рече Александра.
Андријана Јовановска