„Алцхајмер е болест на целото семејство“: Искрено со Тања Кочовска за болеста на мајка ѝ Невенка

Актерката Тања Кочовска неодамна се соочи со тешка ситуација, откако нејзината мајка, незаменливата пејачка Невенка Кочовска, исчезна од дома. Невенка, која боледува од Алцхајмер, излегла утрото од дома и  ја немало со часови. Тања алармираше на социјалните мрежи, па, за среќа, ја најдоа Невенка и таа повторно е дома.

Со актерката разговараме за ситуацијата со која тие се соочуваат, за нејзината мајка, која боледува од Алцхајмер. Тања раскажа за „Репортер“ за тоа дека мора да им се помогне на овие лица, затоа што Алцхајмеровата болест прогресира и многу е тешко кога дома, како што вели таа, имате лице кое боледува од ова.

„Во прашање се веќе неколку години. Но, болеста прогресира. И знаете како, велат дека Алцхајмер е болест на целото семејство, и навистина е тешко. Сите сме околу неа, и јас, и мојата сестра Лидија, и целото смејство“, раскажува Тања за „Репортер“ .

Таа во разговорот додава дека, за жал, не се обрнува големо внимание на болните од Алцхајмер.

„Прво, нема дневни центри, како насекаде во Европа. Затоа ѝ предложив на д-р Габриела Новотни, која со години се залага за ова, да направиме една кампања, за да ја подигнеме свеста за оваа болест. Оваа болест се нарекува фамилијарна болест и затоа е многу тешко кога во семејството некој е болен од Алцхајмер.  Сите сме на нозе. И наместо да имаме специјализирани екипи во дневните центри, јас морав да алармирам на ‘Фејсбук’“, да ми се помогне да ја најдам. Треба да се подигне свеста дека постојат места за згрижување лица со Алцхајмер. Мислам дека во таа кампања ќе се вклучат многу активисти, затоа што имаме  сè повеќе вакви  случаи“, ни раскажува актерката Тања.

Таа за својата мајка вели: „Никогаш не помислив  дека  ќе се случи ова. Секогаш мислев дека  ќе си ја дочувам мајка ми во знак на благодарност и љубов за сè што таа направила за мене. Па,  јас само што се породив, таа отиде во пензија заради мене,  не сакаше  да го оставам детето каде било кога одам на целодневни проби и турнеи, како што таа морала да прави кога јас бев мала. Таа морала да настапува со ‘Мањифико’, па мене ме чувала тетка ми. Не сакаше и мене да ми се случи истото, затоа веднаш отиде во пензија, за да ми помага околу детето“, ни  раскажува со емоции Тања.

Невенка Кочовска и нејзиниот сопруг Панче беа дел од ансамблот „Мањифико“, формиран во 1959 година и постоел до 1990 година. Групата изведувала латиноамериканска музика.

„Мањифико“ е формиран од Пантелеј Кочовски-Панче и Крсто Таушанов, тогаш ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, на јужната делница од автопатот Братство-единство, за да настапат на приредба. Подоцна од бригадирите им се придружил Сергеј Поповски, гитарист, од музичкото училиште. Во 1960 година во музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот прекрасен глас. Таа година квартетот го добива името „Мањифико“.

Во текот на 31-годишното постоење „Мањифико“ настапил во 37 земји на сите континенти, имал 3.700 концерти и 600 добротворни настапи, кои ги посетиле преку 7 милиони гледачи. И дискoграфската продукција на „Мањифико“ е импозантна: 28 мали грамофонски плочи, 5 албуми, 4 аудио касети, 1 видеокасета, 3 аудио компакт-дискови и 1 ДВД, речиси сите продадени во златен или сребрен тираж.

Александра Георгиев

Scroll to Top