Андријана Јаневска: Петрос Гитанос ја препеа на грчки мојата нова песна

Поп-пејачката Андријана Јаневска неодамна стана доцент на Факултетот за музичка уметност. Вели дека е пресреќна поради новото звање, но и дека работата со студентите ја прави особено среќна. Неодамна ја промовираше на Јутјуб каналот песната за краткометражниот филм „Hyro“, за која, на покана на австрискиот продуцент М.М.Вили, ја напиша музиката.

„Тоа е композиција за пијано која самата ја изведувам. Снимена е во студио Гиновски, во кое работиме заедно со сопругот Гино. Мастерингот го направи Јосип Шукер од Хрватска, а видеото е на ‘Видок’, исто така од Хрватска. Снимено е во Хрватскиот национален балет, а перформансот е на младата Анамарија Марковиќ“, вели Андријана. Со Јосип Шукер имаат подготвено 8 композиции, од кои 4 за виолина и 4 за пијано во нејзина изведба. Летово таа ја промовираше и својата најнова песна  „Деца на космосот“ на која соработуваше со грчкиот музичар Апостолос Стефанпулос, кој го напиша текстот. Автор на музика и аранжман е Андријана, која е и изведувач на пијано, виолина и вокал.

„До соработката дојде на покана на Стефанопулос. Тој ми напиша дека има текст што сака да го преточам во музика. Уште додека го читав текстот, паралелно ми доаѓаше во глава мелодиската линија зашто самиот текст беше инспиративен. Тој посака да чуе како ќе звучи песната и на ,акедонски, па направив и препев. Иако песната е ‘стара’, само неколку месеци, веќе има кавер, и тоа од грчкиот познат пејач Петрос Гитанос. Со Апостолос подготвуваме и други песни кои сè уште се во фаза на работа“, објаснува доцентот на ФМУ.

Андријана отпатува на одмор со семејството. Во август, пак, заминува на концерти во Њујорк и Пекинг, каде ќе настапи со музиката што ја напишала за својата сестра Николина Јаневска.

„Станува збор за циклус соло песни за мецо сопран, виолина, пијано и гитара. Таму ќе настапам како виолинист, заедно со Иван Еминовиќ на пијано и Драган Гиновски на гитара придружувајќи ја сестра ми, која ќе биде вокален солист. Во Пекинг ќе имам и мои концерти во малку проширен бендовски состав“, вели Андријана. „Ова лето ми е повеќе работно, но се водам по изреката ‘работи го тоа што го сакаш и нема да работиш ниту еден ден’“.

А.Георгиев

Scroll to Top