Анета Љумаковска и „ДаКапо Бенд“ најавуваат нови проекти.
Имено, во месец февруари кога традиционално во организација на Македонците во Швајцарија „МДД Пирок“ беше организиран голем концерт по повод празниците „Св. Валентајн“ и „Св. Трифун“, Анета со својот бенд собраа публика од преку 4.000 луѓе.
„Чест и голема одговорност е да се настапува пред нашата дијаспора. Навистина ни е драго што сме секаде одлично прифатени и со нетрпение чекаме да ги објавиме датумите за новите концерти кои ќе се одржат во наредните неколку месеци“, велат од бендот.
Неодамна преку социјалните мрежи хитот „Добар знак“ повторно стана актуелен и речиси и да нема настап каде оваа песна не се пее, иако и годи ова, сепак Анета е максимално фокусирана на новите материјали кои ги работи заедно со нејзиниот нов бенд, како и кариерата која ја гради и за која вели дека е „како повторно родена“.
„Работиме на повеќе проекти. Имаме 3 нови песни кои се речиси при крај, има некои финеси да се доработат, па ќе можеме да ги пуштиме во етер. Убаво е што некои песни од минатото повторно се актуелни, но ние како екипа сме максимално фокусирани на новите материјали, за кои верувам дека публиката со нетрпение очекува да ги слушне. Очекувајте со Анета да ви подготвиме бројни изненадувања во наредниот период“, вели трубачот Илија Мицев.
Како потсетување, „Анета и ДаКапо Бенд“ покрај Анета Љумаковска го сочинуваат и искусните музичари: Васко Спасов (вокал), Влатко Ѓорчев (кларинет и саксофон), Горан Костадинов (клавијатура), Тодор Ушитков (клавијатура), Никола Давчев (ударни инструменти) и Илија Мицев (труба).