Анита Мицова: Би пеела за политичка партија

Поп-пејачката од поновата генерација пејачи Анита Мицова го промовираше видеото за својата нова песна „На пат кон југ“. Емотивна песна за која вели дека ја посветила на својот сопруг, со кого биле подолго време разделени затоа што тој бил на работа во Италија. „Некако се погоди да го снимам видеото додека тој беше во Италија, а бевме разделени подолго време, тој таму, јас во Струга. Всушност, ние живеевме во Италија, каде што и јас работев ама решивме да се вратиме тука, каде што ни е најубаво и најтопло. Сега во Италија ќе одиме само во лето“, ни открива Мицова.

Таа вели дека не било лесно дома да се биде и мајка и татко, и жена и маж додека сопругот работел надвор од земјава.

За Италија ја врзуваат убави спомени, раскажува поп-пејачката. Вели дека за разлика од тука, таму настапувала во ресторани, тоа го сфатила како одење на работа и дека настапите таму се многу порелаксирачки и смирени. „Тука сè е поинаку затоа што снимам авторска музика, песни и албум за кои требаат финансии за да ги промовирам, пари требаат и за снимање спотови. Јас го правам тоа од љубов, а нема ништо за возврат, за жал. За мојата музика велат дека е поинаква, а јас велам дека не е поинаква туку е само убава за слушање“, вели Мицова.

Таа отворено кажа дека не сака да настапува на фестивали, но и дека доколку добие понуда да пее за некоја политичка партија, би го прифатила тоа. „Зошто да не, не значи дека сум политички определена ако прифатам да пеам за кого било“.

И од сите професионални обврски Анита вели дека, сепак, најмногу од сè сака да го минува времето со својата ќеркичка, за која уште од мала се гледа дека е музикална.

„Но, не ја терам на сила, кога сама ќе посака да свири клавир, седнувам и ѝ покажувам“, додава Мицова.

 

 

Scroll to Top