Аплауз и овации за децата од актерската школа на Весна Бејби: „За нашиот Горан“ се играше под отворено небо

За првпат под отворено небо, под рефлекторите и светилките во Паркот на Франкофонијата се играше театарската претстава „За нашиот Горан“. Претстава посветена на писателот и драматург Горан Стефановски, во која играат децата од актерската школа на Весна Петрушевска.

Младите глумци и овој пат беа одлични, или како велеа во публиката „децава растурија на сцената“.

Со многу емоции и искреност ги оживеаја ликовите и репликите од книгата „Стапица“ што ја напиша Стефановски. Беше уживање да се биде дел од оваа театарска приказна, каде во час и половина на сцената имаше и смеа и солзи.

Се пееја песни и од Еминем и од „Леб и сол“. Публиката ја препозна искреноста на младите глумци, па додека траеше претставата, ги бодреше со аплауз.

Весна Петрушевска е режисер на претставата, која во март во МНТ имаше премиера. Таа уште тогаш во најавата за претставата рече дека сака секое дете да знае барем по еден монолог од легендарниот писател.

Актерската школа на Весна Бејби веќе неколку години работи со деца и млади актери, а во тек се и уписите во школата, единствена кај нас од ваков тип во која децата имаат можност да бидат дел од магијата на театарот, сцената, филмот.

Претставата „За нашиот Горан“ беше во организација на Општина центар, која во Парк на Франкофонијата организираше повеќе манифестации пред крај на летото.

 

 

 

 

Scroll to Top