Џез-музичарот Васил Хаџиманов, јавно се прости од својот татко, пејачот и глумец Зафир Хаџиманов, кој вчера почина од корона. Во емотивната порака што ја објави на „Фејсбук“, Васил татка си го опиша како врвен шмекер со непобедлив дух, кој секогаш знаел да застане на нозе.
„Татко ми Зафир почина денес. Неговото големо срце не успеа да ја добие битката со оваа страшна болест. Зад себе остави вистинско богатство, од песни што толку маестрално ги пееше, преку неговите многубројни и разновидни композиции, поетски книги и проза, сè до ненадминливите улоги во театарот и филмот. Тој секогаш несебично ја даваше својата огромна љубов, внимание и поддршка на своето семејство и најблиските“, пишува Васил.
Тој додава дека неговите родители биле еден од најталентираните и најубави парови во историјата на овие простори.
„Неговиот непобедлив дух, способност да се снајде и да застане на нозе во секоја ситуација, енергија да прави секогаш сè што прави со целото свое битие, и додека го прави сето тоа истовремено за да биде врвен шмекер. Тоа мора да се запомни. Да биде запаметено и почитувано. Те сакаме тато и ќе ни недостасуваш засекогаш. Ви благодарам на сите за зборовите за поддршка“, стои во објавата.
Зафир Хаџиманов почина на 77-годишна возраст. Тој беше во брак со пејачката и актерка Сенка Велетанлиќ со која го има синот Васил.