Од корона почина легендарниот музичар Зафир Хаџиманов

Македонскиот пејач и композитор, Зафир Хаџиманов почина од коронавирус, објавија српските медиуми. Легендарниот музичар, е роден 1943 година во Кавадарци. Долги години живееше и работеше во Белград. Тој беше оженет со пејачката и актерка Сенка Велетанлиќ, со која го има синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.

Српските медиуми пишуваат дека и Васил Хаџиманов е позитивен на Ковид-19, но без никакви симптоми на болеста.

Зафир исто така беше писател, шоумен и голема ѕвезда на златното доба на југословенските шансони. Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Исто така, тој играл главни улоги во неколку филмови, меѓу кои „Македонска крвава свадба“.

Добитник е повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб, во 2003 година.

Од бројните песни што ги испеал, најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“.

Во 2007 година, Зафир Хаџиманов бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.

Scroll to Top