Благој Веселинов меѓу десетте најдобри актери во Европа

Македонскиот актер Благој Веселинов е одбран меѓу десетте најдобри млади глумци во Европа и ќе се натпреварува за престижната награда на претстојното 69. издание на Берлински филмски фестивал 2019. Тој ќе се натпреварува во програмата Shooting Stars или „Европски филмски ѕвезди“, соопштија од Агенцијата за филм на Република Македонија. Со тоа Веселинов официјално ќе биде претставен на фестивалот како ѕвезда во подем, а на самиот фестивал ќе има можност да се сретне и со кастинг-директори, продуценти и филмски професионалци од целиот свет.

Благој Веселинов е роден во Кочани. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје и играл во повеќе од 50 театарски претстави и има бројни филмски улоги во краткометражни и долгометражни филмови, меѓу кои и „Исцелител“, „Како да ме нема“, „Панкот не е мртов“, „Балканот не е мртов“, „Година на мајмунот“, „Ослободување на Скопје“ и други.

Во рамките на оваа програма Македонија досега учествувала со две актерки – Лабина Митевска (1998) и Наташа Петровиќ (2011). Догодина на Берлинскиот филмски фестивал член на жирито ќе биде и македонската режисерка Теона Стругар-Митевска.

Настанот „Европски филмски ѕвезди“ ќе започне на 8 февруари, а добитникот на наградата ќе биде познат на 11 февруари.

Scroll to Top